
Ванчо Полазаревски добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година
Во книжарницата „Литература.мк“ вчеравечер на Меѓународниот ден на детето, на Ванчо Полазаревски му беше врачена книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година за романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.
Во книжарницата „Литература.мк“ вчеравечер на Меѓународниот ден на детето, на Ванчо Полазаревски му беше врачена книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година за романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.
На настанот, како што информираат од издавачката куќа „Арс Ламина“, покрај врачувањето на признанието за најдобар необјавен роман за деца и млади, што го носи името на големата македонска писателка за деца Оливера Николова, се одржала и промоција на наградениот роман. Покрај авторот, пред присутните се обратиле и Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка, Ермис Лафазановски, првиот добитник на наградата во 2025 година и Јана Андреевска, ќерка на Оливера Николова.
Членовите на жири-комисијата истакнале дека вториот добитник на наградата е избран со едногласна одлука, нагласувајќи ги оригиналноста, хуморот и современиот пристап што ги носи романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.

-Годинашниот добитник на наградата „Оливера Николова“ – романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ од Ванчо Полазаревски – ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и на природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и на ведар начин, при што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречи да допре до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот – посочиле членовите на жири-комисијата.
Во името на семејството на Оливера Николова се обратила нејзината ќерка, Јана Андреевска потенцирала дека кога ја прашувале нејзината мајка што значи за неа пишувањето за деца, таа често знаела да каже дека „пишувањето за деца ми овозможува да се вратам во детството – не во она што јас го имав, растејќи во воени услови, туку во детството што секое дете заслужува да го има, во кое безгрижно си игра“.
По врачувањето на наградата, Ванчо Полазаревски изјавил дека пишувањето за деца е привилегија, затоа што ти овозможува да влезеш во бесконечното царство на фантазијата, каде што можеш да сретнеш самовили, вампири, розови слонови и да создаваш приказни на која било тема. Потенцираше дека во неговиот роман, главен јунак е хуморот, но приказната е инспирирана од реалноста. Посочи дека таа е автентична и произлегува од моето секојдневие во населбата каде што живеам – Капиштец

-Всушност, ’Капи и Штици‘ е уметничкото име за Капиштец. Таму, наместо да цветаат цвеќиња и дрвја, често цвета натрупаниот отпад. Токму тој судир меѓу убавото и грдото е движечка сила на приказната, затоа што без конфликт нема приказна. Дилемата како да се среди ѓубрето во Капиштец ја поставив и пред вештачката интелигенција, но компјутерот едноставно прегоре. Затоа, во приказната повикав помош од други галаксии. Иако во романот добрите победија, а лошковците си заминаа, во реалноста сликата сè уште не е идеална. Преку хуморот сакав да испратам порака до децата што ќе ја читаат книгата – да се грижат за својата околина. Читањето треба да биде исполнето со љубов и со смеење. И покрај тоа што денес многумина се потпираат на вештачката интелигенција за читање и за пишување, ние, последните Мохиканци што сè уште пишуваме, продолжуваме понатаму. Идејата да се напише роман за деца е фантастична. Пишувам брзо и со леснотија, па понекогаш и самиот се чудам како музата сè уште не ме напуштила, иако веќе сум во сериозни години. Шегата настрана, навистина сум благодарен за наградата. Особено сум среќен и од тоа како изгледа книгата. Ликовно-графичките решенија, како и илустрациите на Здравко Гиров, се фантастични, ја следат приказната и прекрасно ја надополнуваат – потенцираше Ванчо Полазаревски.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Оливера Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна – да се одржи континуитетот на големото авторско име на Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и за млади. „Арс Ламина“ веќе го распишал и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за 2027 година.