„Во втората половина на јануари, по формирањето на Владата во Северна Македонија, ќе биде воспоставена комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач на Европската Унија во насока на можностите кои земјава би ги имала за време на француското претседателство за одблокирање на процесот на евроинтеграциите“.
Ова предмалку на прес-конференција го рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Во однос на Франција јас веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти. Првично беше договорено таа средба да се реализира овие денови, меѓутоа сепак одлучивме дека таа средба треба да се реализира после формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, кога ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, која што и сега во меѓувреме постои, меѓутоа е потребна за да се утврдат француските планови и позици по однос на нивниот ангажман во овој процес“ – рече Османи.
Франција од 1. јануари го презеде претседавањето со Унијата и иако проширувањето изрично не се споменува, сепак за Северна Македонија и Албанија познавачите не исклучуваат напредок во процесот, особено поради тоа што веќе се споменуваше и француска иницијатива за решавање на македонско-бугарскиот спор и тргање на бугарското вето.