Владо Бучковски – специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија во изјава за „Дојче веле“ вели дека „премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер“.
„Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. При посетата на Софија, во јуни годинава, нашата делегација предводена од премиерот Заев разговараше со претседателот Радев и со службениот премиер Јанев за петте точки. Во октомври во Брдо кај Крањ, премиерот Заев на два пати разговараше со претседателот Радев, вториот пат во присуство на канцеларката Меркел. Тогаш, во јавно дадена изјава, Радев потврди дека се бараат конкретни решенија за 5 плус една точка. Чекавме Бугарија конечно да добие политичка Влада. Сѐ поизвесно е дека идната недела ќе добие нова влада предводена од Кирил Петков. Евентуалните конкретни резултати од преговорите водени досега, треба да се верифицираат од новата влада во Бугарија, потоа да се одржи Меѓувладина седница со претседавање на двата министри за надворешни работи. Јас лично сум оптимист дека ќе има резултат, но за нас е побитно – кога? Ние очекуваме еден од приоритетите на новата влада во Бугарија да биде токму ‘македонското прашање’. Впрочем, извесниот иден премиер Петков, тоа го навести во интервју за Дарик Радио пред 4 дена“ – вели Бучковски.
Тој потенцира дека земјата ќе влезе во нова неизвесност доколку наскоро не се решат прашањата со соседот.
„Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, потенцира Бучковски.