Основачите на клубот најавуваат дека специјален гостин на отворањето ќе биде „бизнисменот, филантроп д-р Милен Врабевски, со чија финансиска поддршка овој клуб ќе стане реалност“. Од здружението „Цар Борис III“ велат дека ова ќе биде „уште еден центар за градење мостови меѓу двете братски земји“.
Од Министерството за правда засега нема никаква официјална реакција за регистрацијата на здружение со вакво име. Од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите веќе реагираа на постоењето на здружение со името „Цар Борис III“ и на „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.
Во Битола годинава се отвори бугарски клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. По регистрацијата на 16 април се одржа и официјално отворање на клубот на кое присуствуваше и тогашниот премиер Кирил Петков.
На 4 јуни, беше запалена влезната врата на клубот. Министерството за надворешни работи на Македонија најостро го осуди, како што соопштија, актот на намерно палење на влезот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола.