Брутална оценка на директорот за проширување на ЕУ Герт Копман: „Блокадата е во Скопје, а не во ЕУ“

Герт Јан Копман ја напушта Европската комисија на 1 јануари. Како генерален директор за проширување и источно соседство, тој раководеше со ресорот во текот на отворањето на преговорите со Украина и Молдавија, доведувајќи го процесот со Црна Гора до прагот на она што би можело да биде првиот договор за пристапување по оној на Хрватска. Во едно од своите последни интервјуа на оваа функција, тој разговараше со Илва Таре од „Balkans Debrief“ на Атлантскиот совет за пакетот за проширување од 2026 година, усвоен на 4 ноември. Во тоа интервју тој е невообичаено директен.

Герт Јан Копман ја напушта Европската комисија на 1 јануари. Како генерален директор за проширување и источно соседство, тој раководеше со ресорот во текот на отворањето на преговорите со Украина и Молдавија, доведувајќи го процесот со Црна Гора до прагот на она што би можело да биде првиот договор за пристапување по оној на Хрватска. Во едно од своите последни интервјуа на оваа функција, тој разговараше со Илва Таре од „Balkans Debrief“ на Атлантскиот совет за пакетот за проширување од 2026 година, усвоен на 4 ноември. Во тоа интервју тој е невообичаено директен.

Тој е брутално директен кога одговара на прашањето за европскиот пат на Македонија. „Блокадата е во Скопје, а не во ЕУ“, вели Копман за прашањето на уставните измени.

„Земјата точно знае што треба да направи за да ги отвори преговорите, а тоа, во суштина, е промена на Уставот.

Не станува збор само за бугарско прашање. Ова е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот. Земјата, исто така, треба да усвои патокази и акциски план за малцинствата. Направени се чекори во таа насока, иако можеби сè уште не е сè целосно завршено. Но, без уставните измени, процесот едноставно нема да се придвижи напред. Тоа навистина зависи од самата земја“, вели Копман.

Тој ја фали Македонија за рефoрмите што се направени за Планот за раст но додава дека има нула напредок во 2026 во преговорите со ЕУ.

Копман во интервјуто за Атлантскиот совет околу Македонија дополнително прецизира:

„Мораме многу внимателно да го поставиме контекстот. Земјата не е блокирана од некоја земја-членка. Таа е блокирана бидејќи, досега, не сака да го направи она за што знае дека е потребно. Мораме да бидеме јасни во врска со тоа“.

Дирeкторот за проширување нагласува дека македонски власти се „свесни“ дека топката за откочување на процесот е во македонскиот двор: „Тие се свесни за тоа. Тоа е политички избор. Станува збор за суверена земја. Никој не може, ниту сака, да ја принуди земјата да направи нешто за што таа не е подготвена. Но, сосема е јасно што треба да се случи“.

Изминативе две недели првите луѓе на македонската власт се сретнаа со Копман во Брисел. На 3 ноември средба со Копман имаше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а на 11 ноември премиерот Христијан Мицкоски. Во нивните соопштенија за средбите нема ништо од ова што го зборува Герт Копман. Во нив се кажува што нагласиле македонските претставници. Така во соопштението од кабинетот на Сиљановска стои дека таа ја истакнала „потребата од разгледување на расположливите институционални и правни инструменти на ЕУ, со цел да се идентификуваат конкретни чекори што ќе овозможат придвижување на процесот врз основа на реформските постигнувања и исполнетите критериуми, независно од билатералните блокади од страна на земјите членки“. И повторно споменувањето на истата флоскула: „За неа е важно европската перспектива да се претвори во предвидлив процес со јасни чекори и мерливи резултати“.

Мицкоски на Фејсбук објави дека во фокусот на неговите разговори со Копман биле европската перспектива на Македонија, напредокот во реформските процеси и следните чекори во пристапувањето кон Европската Унија.

„Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните“, наведе тој. Ништо од јавната порака на Копман дека ветото е во Скопје, а не во ЕУ.

Заради јасност на пораките на Герт Јан Копман го пренесуваме интегрално делот за Македонија во разговорот со Илва Таре од Атлантскиот совет.

Таре: Северна Македонија, која некогаш беше предводник, чека 17 години откако Комисијата за првпат препорача отворање на преговорите, а сè уште го нема отворено ниту првиот кластер. Дали постои надеж за надминување на блокадата во Советот? Може ли Комисијата да направи нешто во овој момент?

Копман: Дозволете ми да ве поправам, и се извинувам поради тоа. Блокадата не е во Советот. Блокадата е во самата држава. Земјата точно знае што треба да направи за да ги отвори преговорите, а тоа, во суштина, е промена на Уставот.

Таре: Значи, станува збор за бугарското вето. Затоа го спомнав Советот.

Копман: Не станува збор само за бугарско прашање. Ова е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот. Земјата, исто така, треба да усвои патокази и акциски план за малцинствата. Направени се чекори во таа насока, иако можеби сè уште не е сè целосно завршено. Но, без уставните измени, процесот едноставно нема да се придвижи напред. Тоа навистина зависи од самата земја.

Земјата е способна за реформи. Оваа година постигна многу добар напредок во однос на Планот за раст, што значи дека спроведе многу тешки реформи. Сега е важно сериозно да се пристапи кон уставните измени, а ние ќе работиме со земјата и со сите наши земји-членки за да обезбедиме доверба во процесот. Тоа е тешко. Целосно сте во право дека земјата има долга историја на својот пат кон ЕУ и дека постоеја многу билатерални прашања. Но, мораме многу внимателно да го поставиме контекстот. Земјата не е блокирана од некоја земја-членка. Таа е блокирана бидејќи, досега, не сака да го направи она за што знае дека е потребно. Мораме да бидеме јасни во врска со тоа.

Таре: Значи, потврдувате дека топката е кај Скопје?

Копман: Апсолутно.

Таре: И дали се водат некакви преговори за изнаоѓање решение?

Копман: Секако разговараме со сите, но во суштина, топката е кај нив. Тие се свесни за тоа. Тоа е политички избор. Станува збор за суверена земја. Никој не може, ниту сака, да ја принуди земјата да направи нешто за што таа не е подготвена. Но, сосема е јасно што треба да се случи.

Герт Јан Копман повторно ја споменува Македонија одговарајќи на прашањето за тоа дали е можно Србија да почне да напредува во преговорите со ЕУ по смената на режимот на Александар Вучиќ и победата на Студенската листа на изборите. Еве го тој дел:

Таре: Извештајот за Србија покажува значително назадување и отсуство на напредок. Дали работите можат да се придвижат сега, со оглед на тоа што во Белград ќе се формира нова влада? Дали Србија би можела да добие патоказ во рамките на пакетот за 2027 година и кои би биле првите клучни чекори?

Копман: Се соочуваме со сосема нова ситуација, промена на власта каква што немаме видено долго време. Според она што го разбирам, Студентската листа става голем акцент на она што ние го нарекуваме „фундаменти“ (основни прашања), дури и ако тие самите не го користат тој термин и не зборуваат толку многу за европскиот пат. Во суштина, станува збор за истото. Ова отвора можност тие да се ангажираат околу овие прашања, во врска со кои оваа година имаше прилично сериозни проблеми. Токму овие прашања Студентската листа сака да ги реши. Затоа, гледам можност за повторно започнување на разговорите врз оваа основа.

Сепак, уште е рано. Сè уште нема влада. Постојат прашања поврзани со усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Тука е и прашањето за Косово. Треба да се согледа целата слика. Но, доколку можеме да започнеме со фундаментите, доколку таму брзо се постигне напредок и се изгради доверба, тогаш верувам дека работите можат да тргнат напред.

Што се однесува до Северна Македонија, можноста за добивање патоказ зависи од напредокот во преговорите. Оваа година немаше напредок во преговорите ниту со Србија и никаков со Северна Македонија. Но, следната година може да биде сосема поинаква. Сосема е можно двете земји да добијат патокази. Двете поседуваат силни административни капацитети за брзо напредување, доколку тоа го посакаат. Значи, сè е отворено.