Ова секако е значаен и историски ден бидејќи македонската црква веќе не е во раскол, не е надвор од Православието. Таа е сега православна црква чиј статус не е уреден, но која може да сослужува со другите православни цркви.
Од одлуката на Вселенската патријаршија произлегува дека таа ќе сослужува со македонските црковни достоинственици, но другите православни цркви за тоа сами ќе решаваат.
На пример, Украинската православна црква што ја призна Вселенската патријаршија досега ја признале само Александриска патријаршија, Грчката православна црква и Кипарската црква…Другите уште не…Така и ќе биде со нашата црква…
Сега се очекува реакција на Српската црква… Енигма е што било разговарано во Ниш. Ако имало договор, тогаш Српската црква ќе биде партнер во определувањето на идниот статус на МПЦ. Јас сум скептик дека таа ќе се согласи на наша автокефалност. Максимумот кој може да го очекуваме е широка автономија.
Ако СПЦ не е подготвена за наша автокефалност, тогаш одлуката ќе ја носи Вселенската патријаршија. И таа мислам ќе биде позитивна за нас, како во случај со Украина.
Интересна ќе биде реакцијата на Бугарската црква која се смета за наследничка на Охридската архиепископија. Тоа и пишува во Уставот на црквата. Не верувам дека ќе не прифатат со име Охридска архиепископија.