„Брако“ донираше медицински помагала и подели новогодишни подароци на децата во Дневниот центар за деца со церебрална парализа во Скопје
Претставници на компанијата „Брако“ денеска донираа медицински помагала и поделија новогодишни пакетчиња на 35 деца кои престојуваат во Дневниот центар за деца со церебрална парализа во Основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје.
На Дневниот центар му беа предадени на користење три медицински помагала за лица со инвалидитет, кои што се дел од медицинската производствена програма на „Брако“ и кои ќе бидат од голема помош при грижата за децата кои речиси секојдневно престојуваат во Центарот.
„Во миговите кога најмногу се подарува, во пресрет на Новата Година, огромна чест ни е што Центарот ја прифати нашата понуда да донираме медицински помагала и на децата да им поделиме новогодишни подароци. Драго ми е што успеавме да им кажеме дека мислиме на нив, како што всушност тоа го правиме и во текот на целата година, затоа што медицинската производна програма е од самите почетоци на „Брако“ чии производи се позиционирани на светските пазари согласно потребните ИСО стандарди за квалитет. Во име на компанијата „Брако“, им ја честитам Новата Година на сите лица со попречености во развојот, на нивните семејства, на сите центри што се грижат за овие лица, поттикнувајќи ги во опстојувањето во животот со хендикеп, во живот кој го смени својот нормален тек заради корона-кризата, која што искрено посакувам да остане наше минато“ – изјави Огнен Анѓушев од одделот за набавки во „Брако“.
Тој додаде дека компанијата секогаш е подготвена и со будна свест за најранливите социјални категории, кон кои и во иднина ќе продолжи општествено одговорно да се грижи.