Борел: Европа не се бори против Русија, туку ја брани Украина

Жосеп Борел – високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност изјави дека ЕУ не се бори против Русија, туку ја брани Украина.

„Воопшто не ми се допаѓа приказната за Запад против Русија или Запад против други … ова е прашање на Повелбата на Обединетите нации. Се работи за суверенитетот на државите и почитувањето на границите и некористењето на сила против нивните соседи. Ние не се бориме против Русија, ние ја браниме Украина. А одбраната на Украина значи одбрана на меѓународниот поредок заснован на правила. Во спротивно, ќе дојде законот на џунглата“ вели Борел за „Еуроњуз“.

Тој смета дека ова е момент во кој ЕУ е важен геополитички актер и носи важни воени и енергетски одлуки. Војната во Украина ја покажа зависноста на Европа од руската енергија, а Борел смета дека Европа ќе мора да ја плати цената ако сака успешно да ги брани своите вредности и слободи.

„Мораме да сфатиме дека одбраната на слободата и борбата против војната во Украина ќе имаат цена. Политичарите треба да имаат поголема храброст да им објаснат на луѓето дека овој трошок мора да се прифати бидејќи во спротивно цената ќе биде многу повисока“ смета тој и нагласи дека ЕУ се движи кон ставање крај на зависноста од руската енергија и оти без оваа војна ЕУ немаше да преземе мерки за ослободување од енергетската зависност од Русија.