Блинкен очекува дека пет членки на ЕУ ќе го признаат Косово

Американскиот државен секретар Антони Блинкен очекува дека спроведувањето на предлогот на таканаречениот „Европски договор за Косово“, прифатен од Белград и Приштина, ќе ги охрабри петте преостанати членки на Европската унија да ја признаат независноста на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија којашто еднострано во 2008 година со помош на САД и водечките земји на ЕУ прогласи независна Република Косово, објавија во четвртокот белградските медиуми повикувајќи се на Радио Слободна Европа (РСЕ). .

„Факт е дека две земји го постигнаа овој договор, и под претпоставка дека ќе го спроведат, мислам дека ќе се движат (преостанатите пет земји од ЕУ) кон признавањето (на независноста на Косово)“, ја цитира РСЕ оцената на Блинкен дадена во текот на сослушувањето пред членовите на американскиот Конгрес.

На прашањето дали гледа некаков напредок во тоа што некои членки на Европската унија не ја признаваат независноста на Косово и дали американскиот државен секретар разговара со оние пет земји-членки на Унијата кои го поддржаа договоротно не го признаваат Косово, Блинкен рекол дека споменатиот документ го отвора патот до признавањето.

„Се поставува тоа прашање, но мислам дека овој договор нѐ става на патот на признавањето од тие земји. Што се однесува до самата Србија, тоа е прашање за друго време. Сепак, постигнувањето нормални односи би имало многу позитивни ефекти врз секојдневните односи. Мислам дека за извесно време ќе дојдеме до тоа“, одговори Блинкен.

Независноста на Косово не ја признаваат Кипар, Грција, Романија, Шпанија и Словачка чијшто поранешен шеф на дипломатијата, Мирослав Лајчак, сега е специјален претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Блинкен им рекол на американските сенатори дека бил вклучен во разговорите со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.