Битиќи: Oд 1 јануари мора да има покачување на цената на струјата

Зголемувањето на ДДВ за струјата од 5 на 10 отсто од следната година ќе значи и ново поскапување на струјата за граѓаните. Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека покачување мора да има, но внимаваат ударот за граѓаните да не биде голем.

„Свесни сме дека енергетската криза е овде, дека одредено покачување мора да има, но колку што е можно поблаг да биде ударот кај граѓаните, сметам дека тоа е императив за Владата“, вели Битиќи.

Тој објасни дека зголемувањето на данокот за струјата е само една од ставките кои влијаат на цената на струјата што ја плаќаат граѓаните и дека во моментов се прават пресметките, но конечна цена се уште нема.

„Ние се уште ги правиме пресметките што значат инпутите за следната година затоа беа преземени мерките, веќе година и пол за инпутот во дефинирање на цената следната година да не биде на удар на самите граѓани. Ние нудевме цена на електрична енергија од страна на ЕСМ кон ЕВН со многу пониска цена, субвенционирана од страна на Владата. Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување но далеку сме се уште, треба да ги согледаме сите параметри, а секако Регулаторна да одреди кое и какво ќе биде влијанието“, рече Битиќи.