Битиќи: Комисиите со Бугарија се важни, но клучно е железничката инфраструктура да профункционира час поскоро
„Комисиите за економија и за инфраструктура што ги предлага бугарскиот премиер Кирил Петков се важни за да се унапреди економската соработка“. Ова во интервју за МИА го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Склон сум да кажувам дека соработката треба да доаѓа на природен начин, но кога тоа не е возможно, тогаш мора да креираш одредени тела кои мора да дадат јасна зададена агенда. Ние искрено се обидуваме да покажеме дека сме отворени за соработка, не само со Република Бугарија, туку и со секоја соседна земја, затоа што силно веруваме во принципот на регионална конкурентност. Колку повеќе соработуваме, толку повеќе добробит за нашите граѓани“ – вели вицепремиерот Битиќи.
Најдобар пример за тоа, според него, е Преспанскиот договор, со кој, не само билатералните, туку и економските односи со соседна Грција, ги даваат првите резултати. Битиќи порачува дека и за Северна Македонија и за Бугарија е важно железничката инфраструктура да профункционира час поскоро.
„Без разлика што во овој период добивме на двапати вето од Република Бугарија, ние продолживме со напорите за подобрување на патната и железничката инфраструктура кон нашиот сосед. Само што заврши тендерот и моето очекување е дека веќе во март ќе ги воведеме во работа компаниите за продолжување на железничкиот коридор кон Бугарија и некаде во јуни ќе биде објавен тендерот за третата фаза со што финално го заокружуваме Коридорот 8 кон Република Бугарија. Според проекциите, би требало да заврши до 2025 година наспроти бугарските планови кои велат дека до 2027 година би требало да биде завршена железницата. Комисијата треба да го усогласи тоа, затоа што ниту за Република Бугарија, ниту за нас, е добро железницата да заживее во 2027 година. Треба да седнеме и да направиме напори час поскоро тоа да го имаме. Затоа сметам дека комисиите ќе бидат битни за да ја дефинираат јасната агенда, за да ги елиминираат евентуалните законски пречки, ако ги има, за компаниите и стопанствениците да соработуваат. Од друга страна зошто да не креираме и законски можности со кои ќе се унапреди соработката на компаниите и инвестициите взаемно – бугарски инвестиции во Северна Македонија и македонски инвестиции во Бугарија“ – истакнува Битиќи.