Бислимоски: Сите компании побараа зголемување на цената на струјата, но нема да лицитираме додека не ги направиме анализите
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика – Марко Бислимоски во интервју за државната МИА порачува дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи. Тој посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.
„Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената. Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука. Потенцирам дека ние со цени нема да лицитираме додека не направиме анализи и за сето тоа ќе ја информираме јавноста колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија. Факт е дека најголем проблем ни е покривање на загубите и во преносната и во дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа се некаде околу 15-16 милиони евра побарано од нив дека се зголемени нивните трошоци, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра. Значи, тоа се факти. И тука не може да се лаже. Тоа се тие бројки коишто ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на берзата во Унгарија на ХУПЕКС денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа е фантастична цена и транспарентно го објавуваме и го кажуваме дека тоа има сериозно влијание и општо врз целокупниот пазар на електрична енергија не само во земјава, туку и во целиот регион“ вели Бислимоски.
Тој потенцираше дека сите компании побарале зголемување на цената на електричната енергија.