Бислимоски откри колку ќе му плаќаме на Чифлиганец за на скопјани зимава да им биде топло

Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) зимава ќе го преземе снабдувањето на потрошувачите од Скопје со топлинска енергија, откако беше постигнат договор со сопственикот на топланите „Исток“ и „Запад“, компанијата „Адора инженеринг“, за државно изнајмување на топланите претстојнава грејна сезона.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
ЕСМ во своето соопштение за постигнатиот договор не спомена дека на „Адора“ ѝ биле понудени гаранции дека државата ќе ги купи топланите – ова дури подоцна го откри компанијата на Ванчи Чифлиганец, во своето, засебно соопштение за договорот постигнат денеска.

„„Адора Инженеринг“ доби цврсти гаранции дека АД ЕСМ ќе ги купи топланите Исток и Запад и ќе го плати долгот кон компанијата настанат изминатата година по основ на закуп и амортизација“, соопшти попладнево компанијата, која лани ги купи скопските топлани од презадолжениот БЕГ за 9,3 милиони евра, но ги презеде и долговите на досегашниот снабдувач, за кои сега вели дека се договорила да ѝ ги исплати државата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во изјава за „Телма“ вели дека, согласно важечкиот тарифник на РКЕ, државата ќе плати нешто помалку од 400.000 евра за користењето на скопските топлани зимава.

Тој вели дека целиот аранжман за закупот ќе чини точно 390.000 евра, односно по 32.500 евра исплатени на 12 месечни рати. Бислимоски додава дека лиценцата не е доделена, туку Владата во услови на кризна состојба го применила членот 6 од Законот за енергетика, со кој се овозможува ваквото функционирање на системот.