Бесплатни онлајн проекции на еколошкиот филм „Дивиа“ по повод Денот на планетата Земја

По повод Денот на планетата Земја, публиката од регионот од денеска има можност бесплатно онлајн да го погледне еколошкиот документарен филм „Дивиа“ на украинскиот режисер Дмитро Хрешко, кој преку поетски визуелен израз ја прикажува човечката и еколошката деструкција предизвикана од војната во Украина.

По повод Денот на планетата Земја, публиката од регионот од денеска има можност бесплатно онлајн да го погледне еколошкиот документарен филм „Дивиа“ на украинскиот режисер Дмитро Хрешко, кој преку поетски визуелен израз ја прикажува човечката и еколошката деструкција предизвикана од војната во Украина. Филмот ќе биде достапен онлајн до 29 април преку линкот ondemand.kinomeetingpoint.ba.

„Дивиа“ (DIVIA) е поетски документарец кој го истражува двојното уништување од војната – човечко и еколошко. Преку слики од изгорени шуми, уништени полиња и поплавени градови, филмот прикажува пејзажи трансформирани од насилство, но и тивка отпорност на природата и луѓето. Преку перспективата на деминери, екологисти и тимови за реставрација, тој го открива бавниот, болен, но решителен процес на закрепнување на кревките екосистеми.

Уништените шуми, поплавените села, спасувачите, деминерите, волонтерите за спасување животни и самата природа стануваат главни „актери“ на овој филм, кој целосно се потпира на слика и звук – без нарација и дијалог. Насловот на филмот се однесува на словенската божица на дивата природа, шумите, ловот и Mесечината, симболизирајќи ја природата, но и отпорот кон војната и смртта.

Филмот беше во конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“ на минатогодишниот 31. Филмски фестивал во Сараево и беше прикажан во Натпреварувачката програма – Документарен филм.

Проекцијата се одржува како дел од програмата Екоскоп, иницијатива на фестивали обединети во Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион: Филмски фестивал во Сараево, Филмски фестивал во Херцег Нови, Меѓународен филмски фестивал во Љубљана, Фестивал на авторски филмови, Филмски фестивал во Загреб и ИФФК „Браќа Манаки“.

Оваа година, по четври пат по ред, Мрежата на фестивали за Денот на планетата Земја прикажува документарни филмови за животната средина бесплатно за публиката низ целиот регион.