Бесими: 930 милиони денари како финансиска поддршка на ЕСМ за надминување на енергетската криза
„Со Одлуката, 930 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на АД ЕСМ за надминување на енергетската криза. Дополнително 780 милиони денари се обезбедуваат за подмирување на обврски кон земјоделците по основ на субвенции за земјоделството и руралниот развој. За здравство се обезбедуваат 741 милион денари, во чии рамки се средства за јавните здравствени установи, за програмата за целосно здравствено осигурување, за набавката на вакцини против КОВИД-19, за лековите за ретки болести и слично. Понатаму 300 милиони денари се обезбедуваат за земјоделство, меѓу коишто и за реализација на проектите за изградба на браните Конско, Речани, за хидросистемите Равен Речица, Злетовица, како и средства за затворање на проектот Јужновардарска долина“ – ова денеска го изјави министерот за финансии – Фатмир Бесими образложувајќи ја Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници и фондови која денеска е усвоена во Собранието.
Тој рече и дека „се обезбедуваат 166 милиони денари за целосно завршување на проектот за изградба на социјални станови, 260 милиони денари за ТИРЗ и 418 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на државни компании погодени од кризата“.
„Средствата се обезбедени со воспоставениот КАПЕФ механизам со којшто се воведе принципот на „наградување и казнување“ на буџетските корисници. Согласно овој механизам буџетските корисници имаа обврска да реализираат 15% од капиталните расходи заклучно со првиот квартал, 40% од капиталните расходи заклучно со вториот квартал, 65% од капиталните расходи заклучно со третиот квартал, односно 70% од капиталните расходи заклучно со 15 ноември. Со Одлуката ќе се обезбеди подобра реализација на Буџетот на РСМ за 2021 година, во рамки на планираниот дефицит за тековната фискална година“ – истакна министерот.