Бектеши повторува: Од 1 декември пониски цени на основните прехранбени производи

Од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот на корегирани цени на основните прехранбени производи, а во следните 4 месеци, додека трае кризната состојба, очекувам врз основа на постојани пресметки на трошоци од увозните цени на храна и субвенционирани цени на електричната енергија, како и стабилизација на берзанските цени, кои веќе се во мирување да продолжи намалувањето на цените на основните прехранбени производи посебно на тие производи кои се наведени во одлуката на Владата.

Ова го најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција.

Според него некои од производителите на млеко и леб веќе се почнати на пазарот да имаат корегирани цени што е за пофалба.

„Намалувањето за 10 отсто е реално согласно сите анализи што се направени од Министерството за економија и другите институции. Бидејќи кај поголемиот дел од овие производи се применува мерката за трговска маржа до 10 остсто Државниот пазарен инспекторат ќе врши во континуитет контроли кон трговците на големо и мало за почитување на мерката при утврдување на цените. Дополнителни контроли се очекуваат од 1 декември кога ќе започне да се применува мерката за субвенционирање на електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи“ – најави Бектеши.

Бектеши најави посебна мерка за помош на производителите на леб, масло и други основни прехранбени производи од 1 декември

Министерот најави дека до крајот на овој месец се очекува на седница на Влада да се донесе Акционен план за дополнителни мерки за поддршка на граѓаните и на малите и микро компании, посебно на тие компании кои вработуваат поголем дел од граѓаните, а тие главно се мали потрошувачи на електрична енергија кои се на регулиран пазар.

Растот на цените на производите изминатиот период, Бектеши вели дека е во согласност со ценовните движења на прехранбените производи на меѓународниот пазар. Поточно повискоите цени на житните производи и суровото сончогледово масло, министерот вели дека се главно одраз на високиот раст на цените на овие производи на светските берзи при отежнато производство и увоз од Украина поради инвазијата од Русија.