Бектеши: Во моментов нема опасност од ценовен шок
Министерот за економија – Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата порача дека анализите кои ги прават во моментов покажуваат дека нема податоци дека може да се случи ценовен шок во земјава.
„Во моментот кога ние ќе предвидиме дека може да има ценовен шок навремено ќе ја известиме јавноста. Точно е дека има одредени зголемувања на цените за одредени производи. Ако зборуваме за основните производи можеби сме единствената Влада во регионот која во време на пандемија презела такви мерки во делот на замрзнување на цените и во дел на одредување на маржа и за домашното производство, но и за сите производи кои се увезуваат“ рече министерот Бектеши.
Тој нагласи дека мора земјата да се повика на Законот за трговија со кој ќе се замрзнат цените.
„Во делот на домашното производство можеме директно преку субвенции на одредени производи или производители да влијаеме во делот на цената. Секако дека ќе интервенираме во делот на замрзнување на цените кај производите кои се увезуваат во нашата држава како што направивме пред една година. Значи, можеме да ги намалиме маржите согласно фактурите кои се доставуваат при увоз. Во делот на трговијата на големо и мало можеме да ги намалиме маржите и за маркетите и за малите и за големите и сл. Тоа веќе сме го направиле и сме речиси единствената држава во време на пандемија која ги донесе овие мерки како справување со зголемувањето на цените“ рече Бектеши.