Американскиот претседател Џо Бајден ги повика нафтените компании да не ги зголемуваат цените на горивата злоупотребувајќи го ураганот Иан, кој се приближува до Флорида и може да предизвика големи разурнувања, јавува Анадолија.
Бајден зборуваше на конференција за глад, исхрана и здравје одржана во Вашингтон.
Тој го коментираше и ураганот Иан, кој може да го погоди брегот на Флорида и да предизвика големи разурнувања.
Бајден рече дека разговарал со локалните власти и дека федералните власти ќе направат се што можат за да помогнат.
Американскиот претседател го повика населението да внимава на предупредувањата на надлежните и да ги напушти подрачјата за кои е издадено предупредувањето.
„Не го злоупотребувајте ураганот за да ја зголемите цената на нафтата. Цените на нафтата паѓаат и треба да продолжат да паѓаат. Експертите велат дека ураганот ќе погоди само два отсто од производството на нафта во САД и тоа за кратко време. Оваа привремена бура не може да биде изговор за зголемување на цените“ – смета Бајден.
Тој се осврна и на проблемот со гладот, наведувајќи дека тоа е еден од најголемите проблеми во светот, а војната меѓу Русија и Украина го подгреа глобалниот проблем со недостиг на храна.
Бајден се надева дека до 2030 година гладот ќе исчезне и болестите поврзани со исхраната ќе се намалат.