„Нема лошо да ѝ стане на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија“ е пораката на лидерот на ДУИ – Али Ахмети на прес-конференција по средбата со бугарскиот премиер, Кирил Петков. Ахмети рече дека на средбата се интересирал за тоа кои се пречките за позитивен епилог во спорот, односно решение за почнување пристапни преговори за ЕУ.
„Зборував многу отворено за ова со Петков. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира, без притисок, така како што чувствува, тоа да се рефлектира во Уставот. Мислам дека ништо лошо нема да ѝ се случи на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија. Значајно е да се отворат преговори за зачленување во ЕУ зашто така градиме сигурна иднина. Рамковниот договор ги има опфатено сите малцинства кои живеат овде и со сигурност со прифаќање и со значајните измени кои ќе се направат само ќе ја зајакнеме нашата држава и европските стандарди и диверзитетите. Ќе имаме претставување и на Хрватите и Црногорците, кои исто така имаат покренато прашање да се претставени во Уставот на РМ. За тоа да се случи треба храброст и добра волја од сите – Собранието, невладиниот сектор и медиумите, рече Ахмети.
Првиот човек на владејачката ДУИ рече дека на средбата се заинтересирал како би можел да се ангажира за решението на проблемот со Бугарија.
„Но јас денес видов многу голема волја кај премиерот на Бугарија ова прашање да има епилог и колку може побрзо да се изнајде заедничко прифатливо решение за двете страни. Ние да ги отвориме преговорите за членство во јули оваа година“ рече тој.