Архивот ги отвори документите: Како изгледаше референдумското ливче за прогласување на независноста?

Овие историски акти детално ја прикажуваат институционалната рамка на тогашна Македонија, трасирајќи го патот од првите демократски избори, преку референдумската волја на граѓаните, па сè до уставното конституирање на суверената македонска држава.

Архивските документи кои сведочат за периодот пред и по 8 септември 1991 година го покажуваат државотворниот мозаик на Македонија и конечното создавање самостојна македонска држава во услови на бурни политички промени. Овие историски акти детално ја прикажуваат институционалната рамка на тогашна Македонија, трасирајќи го патот од првите демократски избори, преку референдумската волја на граѓаните, па сè до уставното конституирање на суверената македонска држава. За нив во интервју за МИА говори директорот на македонскиот Архив Димитар Богески, кој посочува дека архивските документи ни овозможуваат процесот на создавањето на независната македонска држава, кој се одвива во услови на големи политички промени, да го следиме низ конкретни правни и политички акти. За првпат Архивот ја отвора архивата и пред јавноста ги претставува оригиналното гласачко ливче од референдумот, записниците од гласачките места и низа документи поврзани со подготовката и организацијата на референдумот.

По конституирањето на првото повеќепартиско Собрание, нагласува, следуваат низа значајни документи кои го трасираат патот кон независноста: Декларацијата за сувереност на Република Македонија од 25 јануари 1991 година; Одлуката за распишување референдум од 26 јули 1991 година;  Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните од 17 септември 1991 година, како и Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година.

Секој од овие документи, според него, има свое клучно место во процесот. Покрај веќе споменатите декларации и уставни акти, како што вели за МИА, особена историска и правна вредност имаат документите поврзани со практичното спроведување и конечните резултати од референдумот. Нивната особена вредност, нагласува, се состои во тоа што секој од нив бележи конкретен институционален чекор.

– Преку архивските фондови можеме да ја следиме постепената трансформација на политичката волја во конкретни државни акти. Документите содржат и детали за начинот на кој институциите функционирале во еден исклучително динамичен и неизвесен период. Тие ни овозможуваат да го согледаме процесот во неговата целина и да разбереме како една одлука се претвора во следен институционален чекор, вели Богески.

Тој нагласува оти би сакал младите, кога ќе согледаат еден оригинален документ, да можат да го поврзат историскиот настан со конкретен датум, потпис, институција и луѓе, кои учествувале во неговото создавање. – Сакам да го почувствуваат духот на времето во кое се поставувале темелите на независна Македонија – со тоа историјата престанува да биде само сув текст и станува жива, блиска и полесно разбирлива, вели директорот на Архивот.

Што ни откриваат архивските документи за периодот што му претходеше на 8 Септември 1991 година и за атмосферата во која Македонија се подготвуваше за референдумот?

– Архивските документи ни овозможуваат процесот на создавањето на независната македонска држава да го следиме низ конкретни правни и политички акти. Процесот се одвива во услови на големи политички промени. Воведувањето на повеќепартискиот политички систем и првите повеќепартиски избори во 1990 година ја поставуваат новата политичка и институционална рамка. По конституирањето на првото повеќепартиско Собрание, следуваат низа значајни документи кои го трасираат патот кон независноста:

· Декларацијата за сувереност на Република Македонија од 25 јануари 1991 година;

· Одлуката за распишување референдум од 26 јули 1991 година;

· Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните од 17 септември 1991 година;

· Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година.

Кога овие документи ги следиме по нивниот хронолошки редослед, добиваме јасна слика за целокупната динамика на државотворниот процес – од првите политички промени и воспоставувањето на новата институционална рамка, преку утврдувањето на сувереноста и изјаснувањето на граѓаните, до уставното конституирање на независната држава.

Кои документи од тој период би ги издвоиле како особено значајни и што е она што ги прави важни како историски извори?

– Секој од овие документи има свое клучно место во процесот. Покрај веќе споменатите декларации и уставни акти, особена историска и правна вредност имаат документите поврзани со практичното спроведување и конечните резултати од референдумот.

Нивната особена вредност се состои во тоа што секој од нив бележи конкретен институционален чекор. Во оригиналниот документ го гледаме автентичниот датум, потписите, печатите, прецизната правна формулација и институцијата од која тој произлегува.

За историчарот и истражувачот тие се примарни извори, а за пошироката јавност претставуваат непосреден допир со времето во кое се носеле одлуките што ја обликувале државата. Државниот архив ги чува сите овие значајни документи произлезени од работата на Собранието и државните органи.

Кога денес ги погледнуваме овие оригинални документи, што можеме да дознаеме за процесот на создавањето на независната држава што можеби останува во втор план кога историјата ја гледаме само низ познатите датуми и настани?

– Документите ни ја приближуваат институционалната и задкулисната страна на историските процеси. Зад секој познат датум стојат конкретни одлуки, институции и луѓе кои работеле на нивното спроведување.

Преку архивските фондови можеме да ја следиме постепената трансформација на политичката волја во конкретни државни акти. Документите содржат и детали за начинот на кој институциите функционирале во еден исклучително динамичен и неизвесен период. Тие ни овозможуваат да го согледаме процесот во неговата целина и да разбереме како една одлука се претвора во следен институционален чекор.

По донесувањето на декларациите дојде фазата во која независноста требаше да се претвори од политичка волја во реалност. Уставот, државните симболи, институциите, а подоцна и сопствената валута, беа дел од тоа практично конституирање. Токму затоа оригиналниот документ има неповторлива истражувачка и образовна вредност.

Дали во архивските фондови постојат документи од овој период кои се помалку познати на јавноста, а заслужуваат повторно да бидат видени?

– Во архивските фондови се чува обемна документација од овој период. Покрај најпознатите уставно-правни акти, значајни се и бројни други документи создадени во секојдневната работа на државните институции. За првпат, ексклузивно за МИА, ја отвораме архивата и пред јавноста ги претставуваме оригиналното гласачко ливче од референдумот, записниците од гласачките места и низа документи поврзани со подготовката и организацијата на референдумот. Тоа се автентични сведоштва преку кои граѓаните можат да го видат не само конечниот резултат, туку и начинот на кој се подготвувала и спроведувала одлуката за независност.

Тука спаѓаат службени акти, преписки, записници и извештаи кои го дополнуваат историскиот контекст. Особено ни е драго што овие ексклузивни материјали ги презентираме токму во оваа наша јубилејна година, кога со гордост одбележуваме 75 години од постоењето на Државниот архив како чувар на националната меморија. Една од нашите основни цели е постојано да го истражуваме архивскиот материјал и да го приближуваме до јавноста преку изложби, публикации и дигитални содржини.

По повод 35 години од независноста, изложбата „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ ќе биде претставена во Хрватскиот државен архив во Загреб. Какво значење има оваа изложба за афирмацијата на македонското културно и историско наследство?

Претставувањето на изложбата во Хрватскиот државен архив е значајна можност македонското архивско наследство да биде презентирано пред меѓународната јавност.

Самиот наслов „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ ја истакнува суштинската улога на документите во зачувувањето на историското и културното наследство и во пренесувањето на меморијата меѓу генерациите.

Особеноста на оваа изложба лежи во нејзиниот широк хронолошки и тематски опфат. Преку внимателно избрани архивски документи, таа го прикажува неколкудеценискиот државотворен пат на македонскиот народ – почнувајќи од Разловечкото востание во 1876 година, како еден од првите организирани изрази на борбата за слобода, преку сите клучни револуционерни, илинденски и антифашистички етапи (АСНОМ), па сè до крунисувањето на тој вековен стремеж со прогласувањето на независна Македонија во 1991 година.

Особено значајно е што изложбата се поставува во рамките на одбележувањето на 35-годишнината од независноста. За Државниот архив, ваквите меѓународни изложби се важен дел од нашата мисија. Архивското наследство треба да биде зачувано, истражувано и презентирано, а соработката со сродни институции во регионот дополнително ги зајакнува културните и научните врски.

Што значи за една држава да ги зачува оригиналните документи од моментите во кои се создавале нејзините темели и каква порака тие оставаат за идните генерации?

– Зачувувањето на оригиналните документи од 1991 година е врвна институционална и патриотска одговорност.

Со текот на времето, тие документи добиваат сè поголема вредност како автентични извори за истражување на современата македонска историја. Во нив се сочувани конкретните траги од работата на институциите, одлуките и процесите што го обликувале развојот на државата. Нашата задача е овие документи трајно да ги заштитиме, стручно да ги обработиме и да ги направиме достапни, за секоја следна генерација да може да го запознае своето минато преку оригиналните извори. Документите од 1991 година се наследство на една генерација, но и завет што го предаваме на идните сограѓани.

Што би сакале младите генерации да почувствуваат и да разберат кога пред себе ќе го видат оригиналниот документ од 1991 година?

– Би сакал младите, кога ќе согледаат еден оригинален документ, да можат да го поврзат историскиот настан со конкретен датум, потпис, институција и луѓе, кои учествувале во неговото создавање. Сакам да го почувствуваат духот на времето во кое се поставувале темелите на независна Македонија – со тоа историјата престанува да биде само сув текст и станува жива, блиска и полесно разбирлива.

Тоа е и една од најважните улоги на архивите: да градат мост меѓу генерациите. Документите создадени во 1991 година денес им зборуваат на младите, а документите што ги создаваме денес ќе бидат сведоштво за времето што тие ќе го наследат. Затоа архивското наследство е наша заедничка одговорност и трајна врска меѓу минатото, сегашноста и иднината.