Арсовска ги обвини приватните превозници за криминал

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.

Како што истакна Арсовска, станува збор за шема на злоупотреба со која биле затајувани средства од продадени билети и пари за кои не бил пријавен данок и ги обвини раководствата на двете здруженија, односно нивните директори за криминал.

Ова, како што посочи градоначалничката, го покажала ревизијата што ја врши Град Скопје во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кое е под надлежност на Градот и има склучено договори со здруженијата на приватните превозници. Таа најави дека по изготвувањето на финалниот извештај од ревизијата ќе биде доставен до надлежните институции.

„Она што е евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење коешто произлегува од договорот со организаторите на приватниот превоз `Макекспрес` и `Слобода превоз` и тие од крајот на 2017 година до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во автобусите односно во приватните превозници кои се членови на овие две здруженија. Иако пријавувале дека возеле околу 400 000 километри месечно и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар, средства што ги фактурирале во ЈСП „Скопје“. Во меѓувреме од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту еден продаден билет во автобус. Наједноставно, наплаќале билети тие пари не ги пријавувале и завршувале најверојатно во нечиј џеб, а потоа фактурирале по 400 000 евра од ЈСП секој месец и оваа очигледно добро разработена шема трае цели пет години. Последната добиена информација е дека последниот продаден билет во овие приватни превозници е од крајот на 2017 година. Тие одбивале да доставуваат податоци за продадени билети туку и да ги фискализираат автобусите со тоа што сите средства што ги генерирале завршувале некаде, меѓутоа никој не знае каде“, рече Арсовска на прес-конференцијата.
Градоначалничката претходно го појасни начинот на кој според склучените договори приватните превозници и ЈСП требало да си ги исполнуваат обврските едни кон други што, според Арсовска, не било случај изминатите пет години.

Имено, како што објаснуваше градоначалничката, ЈСП „Скопје“ склучува договори со приватните превозници, во случајов тоа се здруженијата „Макекспрес“ и Слобода превоз“, кои застапуваат приватни превозници. Врз основа на договорите, ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а со зголемувањето на цените на горивата по едно и пол евро по извозен километар. Оваа обврска, како што посочи Арсовска, месечно чини 24 милиони денари. Согласно договорот, приватните превозници имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка и да ги валидираат во интегрираниот систем на ЈСП „Скопје“.