Апел за жителите на Киев да бараат засолниште
Предупредување за воздушен напад на Киев стигна од градските власти.
На 2,8 милиони жители на Киев им било кажано да се упатат кон засолништата од воздушни напади доколку е можно, поради руската инвазија на Украина, јави ДПА.
Сирените за воздушен напад денеска пробно се огласија во главниот град.
Воената состојба е во сила низ целата земја од 5:30 часот утринава со указ на претседателот Володимир Зеленски, со првичен период од 30 дена.
Сирените се слушаат низ цел Киев, јавува „Си-Ен-Ен“.
Во Киев е воведен и полициски час, со траење од 22 часот до 7 часот наутро.
„Ова е неопходен чекор. Во сегашните услови на воена агресија и вонредна состојба, ова е неопходно за безбедноста на жителите на главниот град. Јавниот превоз нема да функционира за време на полициски час. Во исто време, метро станиците ќе бидат деноноќно достапни како засолништа. Ги молиме сите жители на Киев да се вратат во своите домови на време“ – се наведува во соопштението од канцеларијата на градоначалникот на Киев.