Полицијата во Велика Британија соопшти денеска дека ги прегледува снимките од безбедносните камери за да утврди дали фудбалерот на Манчестер јунајтед – Кристијано Роналдо направил прекршок, избивајќи му го од раката на еден млад навивач мобилниот телефон по вчерашниот премиерлигашки пораз од Евертон на гостувањето во Ливерпул.
На социјалните мрежи се појави кратко видео на кое се чини дека Роналдо замавнува со раката кон земјата кога го напушта теренот и чекори кон тунелот на стадионот „Гудисон парк“ во Ливерпул.
Сведок изјави дека Португалецот на едно дете му го избил мобилниот телефон од раката, кој подоцна паднал на земја и се скршил.
Роналдо подоцна на Инстаграм се извини за инцидентот.
Портпаролот на полицијата – Мерсисајд рече дека двата тима биле контактирани по извештаите за наводниот напад.
Ronaldo assaulted a kid because he lost a game. Crazy pic.twitter.com/2Cr6mYNqT4
— MC (@CrewsMat10) April 9, 2022
„Додека играчите го напуштале теренот, во 14:30 часот е пријавено дека дете било нападнато од играч на гостинската екипа. Истрагите се во тек и полицијата во моментов работи со фудбалскиот клуб Евертон за да ги прегледа снимките и спроведува опсежна истрага на сведоци за да утврди дали прекршокот се случил“ – изјави полицискиот портпарол.
Инаку, медиумите на Островот пренесоа дека се работи за 14 годишно дете со аутизам. Неговата мајка Сара Кели раскажала што се случило.
„По крајот на натпреварот, фудбалерите на Манчестер јунајтед почнаа да одат кон соблекувалната. Бевме на трибината „Парк енд“ па седевме точно покрај тунелот каде тие поминаа и мојот син ги снимаше сите. Тој ги снимаше сите фудбалери и потоа го спушти телефонот бидејќи Роналдо ги извади штуцните, неговата нога крвареше. Го спушти телефонот за да види за што се работи, не изусти ниту еден збор Роналдо помина, имаше катастрофален темперамент, го удри телефонот од раката на мојот син и продолжи да си оди“ – изјавила госпоѓа Кели и за весникот „Ливерпул Ехо“ го покажала скршениот телефон, како и модрицата на раката која ја заработило детето.
„Тој е дете со аутизам и диспраксија, па разбра што му се случи дури откако дојдовме дома. Навистина е вознемирен, ова беше негов прв фудбалски натпревар. Не знам дали ќе сака повторно да оди на стадион“ рекла таа.