Ангеловски: Пронајдена испукана димна бомба на гласачко место во Скопје

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски во изјава за медиумите ги соопшти досегашните нерегуларности на денешните претседателски избори.

„Од отворањето на гласање од 7 часот не се забележани поголеми проблеми. Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип. Во Радовишко, едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач. За сите овие настани се преземаат мерки за расчистување. Во Чаир се забележани летоци врз паркирани автомобили, а се регистрирани и два графити. На едно гласачко место во Скопје, од страна на шеф на избирачки одбор, е пријавено дека е пронајдена испукана димна бомба. Апелирам до граѓаните во текот на гласањето да се воздржат до инциденти, и ако има увиди за нарушување на изборниот процес, да се пријават во најблиската полициска станица“, рече Ангеловски.