Амбасадорот Филипов за „Трилинг“: Со носењето на резолуцијата во Германија ќе се создаде клима за промена на Уставот во Македонија

Амбасадор Ѓорѓи Филипов во изјава за „Трилинг“ вели дека со носењето на резолуцијата во Германија ќе се создаде клима за промена на Уставот во Македонија, а детално целото интервју може да го погледнете во продолжение:

Сојузна Република Германија одамна го признала македонскиот јазик, имајќи предвид дека таа отвори неколку лекторати и во поранешна Сојузна Република Германија и во Демократска Република Германија. По спојувањето на двете Германии, тие лекторати продолжија да работат во Сојузна Република Германија. Голем број на македонски литературни дела се преведени од германски на македонски и особено обратно.

Исто така, Германија и правно и политички го има признаено јазикот со фактот што многу Македонци, кои дошле на привремена работа или од друга причина во таа земја (почетокот на шеесеттите, минатиот век) ги преведуваа своите лични документи, дипломи, уверенија, венчаници, изводи и т.н., од македонски на германски преку овластени судски преведувачи од македонски на германски и обратно…

Ова го кажувам како поткрепа на тврдењето дека нема потреба од „специјално“ ново признавање на македонскиот јазик, туку дека резолуцијата во Бундестагот на СРГ, која ќе се донесе на 15.06.2023 има друга, политичка и дипломатска димензија. Таа ќе испрати порака до останатите земји членки на ЕУ, но и до „Неверните Томовци“ во Северна Македонија и Бугарија, дека продолжувањето на преговорите на МК со ЕУ и вметнувањето на македонските граѓани со бугарска етничка припадност во уставот на МК нема да значи исчезнување на македонскиот јазик, ниту на Македонците, како етнос или нација. Големината на Германија во број на жители и особено во БНД по жител, деловната, културната и научната соработка на Германија со земјите од ЈИЕ, значи и влијанието на финансиски, економски и политички план ја прави оваа резолуција основа на која можат да се потпираат и останатите членки на ЕУ, ако воопшто кај некоја друга членка имало двоумење околу македонскиот јазик или етнос (јас не познавам земја на светот што официјално го негирала).

Да се потсетиме само дека на седницата посветена на Македонија и останатите земји од Западен Балкан, со свои прилози ќе се произнесат, не само владејачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП, туку и опозициските ЦДУ/ЦСУ и АфД. Треба да се има предвид дека опозиционерите не застапуваат така оптимистички пристап кон брзо прифаќање на Западен Балкан во ЕУ, како што тоа го прават социјалдемократите, зелените и либералите. Оттаму, македонската политичка структура во Собранието мора да ги заборави малку на партиските и личните интереси и навистина сериозно да пристапи кон исполнување на обврската дадена од ЕУ, во уставот на МК да се внесат граѓаните кои имаат чувство на луѓе со бугарска етничка припадност.

Со донесувањето на ваквата резолуција Германија смета дека ѝ помага на МК да создаде потребна клима за реализација на промената на уставот во таа насока.