Алкалоид со раст на продажбата и извозот во 2021 – првпат со чиста добивка од над 20 милиони евра

Алкалоид АД Скопје, во 2021 година има единечни вкупни приходи од 10,016 милијарди денари (околу 163 милиони евра), што е раст од 4% во однос на претходната година , покажува билансот на успех што компанијата го достави до Македонската берза. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 95%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат раст од 4%.

Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – декември изнесуваат 13,2 милијарди денари (215 милиони евра ) и бележат раст од 5% во однос на 2020. Тука, најголемо учество имаат приходите од продажба на производи и услуги, кои бележат раст од 5%.

Единечните продажби на готови производи и услуги на домашниот пазар изнесуваат 3,12 милијарди денари, што е 33% од вкупните продажби на Алкалоид, и бележат 3% пораст, додека на странските пазари пласирани се производи за 6,44 милијарди денари, со пораст од 5%.

Консолидираните продажби на домашниот пазар заземаат 35%, или 4,44 милијарди денари, што е 4% пораст, додека на странските пазари тие изнесуваат 8,35 милијарди денари, и пораст од 6%. Кај странските пазари најголем е извозот во југоисточна Европа, или 32% од вкупните продажби на Алкалоид, потоа во западна Европа 19%, во Русија и други земји од ЗНД (13%), итн.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 160 %), Полска (раст од 131 %), Украина (раст од 47 %), Русија (раст од 45 %), Унгарија (раст од 30 %), Бугарија (раст од 16 %), Чешка (раст од 12 %) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби на производи во Германија, Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.

Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 2,19 милијарди денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната ЕБИТДА е 2,3 милијарди денари со пораст од 11%.

Нето добивката на Алкалоид за цела 2021 година 1,28 милијарди денари (20,8 милиони евра) единечната, со пораст од 12%, додека консолидираната нето добивка е 1,3 милијарди денари (21,2 милиони евра), со исто така пораст од 12%.

Според бизнис-планот за 2021 година, компанијата предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2021 година изнесуваат 1,19 милијарди денари или 19,3 милиони евра, а во тие девет месеци се реализирани 214 нови вработувања.

„Во согласност со очекувањата, во текот на 2021 година здравствената криза се претвори и во економска а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд веќе започна уште во 2021 година, а ќе доминира во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во 2022 година. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започнувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.“, велат од Алкалоид.