Алек Болдвин: Не го повлеков чкрапалото, никогаш не би вперил пиштол кон некого
Во првото интервју по несреќното убиство, холивудскиот актер Алек Болдвин за „Еј-би-си“ вели дека „не го повлекол чкрапалото на пиштолот од којшто беше убиена снимателката за време на снимањето на филм.
„Чкрапалото не беше повлечено. Не го повлеков. Никогаш не би вперил пиштол кон некого и не би го повлекол чкрапалото. Никогаш!“ вели Болдвин.
Тој вели дека се уште не му е јасно како вистински куршум се појавил на снимањето на филмот „’Рѓа“ на ранч во близина на американска Санта Фе.
Снимателката Халина Хачинс беше убиена, а режисерот Џоел Суза беше ранет, откако, како што велат очевидци, Болдвин испукал пробен истрел од пиштолот.
Иако против Болдвин барем засега не е покренато обвинение, двајца членови на тимот покренаа граѓанска тужба, а продуцентот и останати лица се товарат за невнимание.