
Александар Бежовски: Валандовска провала – агентите во партиските врвови
Партијата и понатаму живее со своите стари болки, предавства и сомнежи. Секогаш кога ќе помислиш дека времето на параноја, кодни имиња и тајни досиеја завршило — одеднаш, ете ја нова афера. Овојпат – „Цилиндар“ и „Џокер“. Повторно истите финти, но нови темни ликови, а сценографијата е модерна. Технологијата е понапредна. Бомба!
Александар Бежовски
ВМРО–ДПМНЕ е политичкиот Хирон – никако да оздрави од старите рани. Впрочем, во партијата отсекогаш личи дека има повеќе агенти отколку членови со идеал.
Партијата и понатаму живее со своите стари болки, предавства и сомнежи. Секогаш кога ќе помислиш дека времето на параноја, кодни имиња и тајни досиеја завршило — одеднаш, ете ја нова афера. Овојпат – „Цилиндар“ и „Џокер“. Повторно истите финти, но нови темни ликови, а сценографијата е модерна. Технологијата е понапредна. Бомба!
Аферата за следење на лидерот Христијан Мицкоски нè враќа во старите сенки на
ВМРО-ДПМНЕ – од „Сината птица“ и „Дувло“, па до митовите за тоа дека самата партија е продукт на експериментите на македонските тајни служби на крајот од комунизмот.
Контролирана демократија со фабрички инсталирани агенти. И така, триесет години подоцна, повторно истата приказна – само со нови кодни имиња.
Мицкоски лани во декември соопшти дека го следеле луѓе со псевдоними „Цилиндар“ и
„Џокер“. Се заврши под тепих, без истраги, апсења и обвиненија. А сега, Пендаровски – навидум случајно, или тактички – ја реактуелизира приказната, обвинувајќи дека со тоа Мицкоски открил идентитет на соработник на најмоќната тајна служба. Ете така, во обид да се одбрани од „агентите“, лидерот ненамерно ја откри целата тајна мрежа.
Пендаровски, детето на „длабоката држава“, кој комплетно го доминира Мицкоски со своето познавање на безбедносната проблематика.
Но ако се вратиме наназад, ова не е само анегдота – ова е валандовска провала. Токму таму, на Валандовскиот конгрес во 2017 година, се случи вистинска „операција“ во модерното ВМРО. Тогаш некои ја нарекоа „ресет“ на партијата, но времето покажа дека била операција за спас на фамилијата – обид за реституција на изгубениот систем и капитал, а не за обновување на идеалот. Класична провала во која системот и странски служби инсталирале свои агенти.
Како што во Солунската провала во 1901 година турските агенти го пробиле кружокот на револуционерите, така во и Валандово – само што не беше со шпиони на султанот, туку со мрежа на луѓе од разузнавачките структури од нашата незавршена транзиција. Тогаш, во тишината на новиот штаб се создаде новата „внатрешна“ структура во ВМРО-ДПМНЕ – паралелна власт од што произлегоа обвинувања за пара полиција која требаше да ги заштити имотите, позициите и влијанието на фамилијата, во момент кога кривичните постапки се надвиснуваа над кадрите.
Мицкоски тогаш беше избран како компромисна фигура – доволно млад за да изгледа ново, доволно контролабилен за да не биде закана. Но како што покажаа годините, компромисите во политиката секогаш се најскапите договори. Денес, со враќањето на Мартин Протуѓер во владиниот кабинет, гледаме дека тоа е оддолжување на долгот кон човекот кој го измислил „новиот почеток“.
По бомбите на Заев во 2015-та, „Шарената револуција’, протестите на „Гдом“, „27 април“, и промена на името, партијата минуваше низ турбуленции кои завршуваа во институционални хаварии. И токму кога изгледаше дека ВМРО-ДПМНЕ се извлече од тие сенки – со победите на локалните избори 2021, па парламентарните во 2024 година – аферата „Цилиндар и Џокер“ повторно го отвора истото киронско прашање: Кој навистина управува со ВМРО?
И ако Пендаровски денес објавува дека бил откриен агент на „пријателска служба“ во врвот на партијата – тогаш што правиме со непријателските агенти? Или тие се премногу блиску до центарот на одлуките за да бидат „откриени“?
Парадоксот е комплетен – кога премиерот кој бил следен е директно надреден на директорот на АНБ, кој пак изгледа е поставен да „служи“, а не да контролира. А аферата личи дека ги „изиграле“ од внатре. Тогаш државата станува театар во кој агентите веќе не се тајни, туку јавни фигури со членски книшки и веројатно се владини функционери.
И еве, на крајот, животот повторно си игра со иронија: овој пат сомнежот води во Валандово. Кој бил собир на старите и новите агенти со исто сценарио: партијата да остане Дувло, за да се спаси инсталираниот систем под паролата „нов почеток“. А ние, обичните граѓани, а најмногу излажаните членови, пак ќе го гледаме истиот филм, само што во ова продолжение, сите улоги – на жртви и на џелати – се веќе распродадени.
Зашто ВМРО е како Кирон – секогаш лекува, но никогаш не оздравува.
И сега, со најавената реконструкција на Владата, ќе видиме дали тоа значи и реконструкција на Дувлото – или пак старите рани ќе продолжат да крварат во мир.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“