Ако каматите многу пораснат, граѓаните тешко ќе ги плаќаат кредитите

Народната банка од март ги зголеми основните каматни стапки од 1,25 на 3 отсто. За борба против инфлацијата, која достигна скоро 17 отсто, потребни се двоцифрени камати, вели професор Трајко Славески. Во Народната банка реагираат дека така граѓаните нема да може да ги плаќаат кредитите.

Најголем дел од постојните кредити се со променливи каматни стапки, па ако многу ја покачиме каматата, граѓаните нема да може да ги плаќаат, што ќе ги зголеми ризиците за финансиската стабилност, велат во Народната банка. Со двоцифрени камати исто така ќе се отежне кредитирањето на фирмите што ќе значи „задушување на домашната економија“.

Зголемување на трошоците за живот, односно инфлацијата, во август достигна 16,8 отсто. Граѓаните велат дека многу го чувствуваат зголемувањето на цените.

„Многу е скапо, пензиите не пораснаа воопшто, што ќе правиме не знам.“

„Ако сакаш да земеш три кила месо нема три, едно ќе земеш“.

„Се е скапо, млекото е ужасно скапо, болен човек едно млеко не може да си купи“, велат анкетираните граѓани.

Како главна причина за поскапувањата на светско ниво се наведуваат поскапените струја, гас и други енегенси, како резултат на руската агресија врз Украина.

Зголемувањето на каматните стапки е една од главните алатки за борба против инфлацијата. Народната банка постепено ги зголемува основните каматни стапки од 1,25 проценти во март, на 3 проценти во септември годинава.

Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.

Според податоците на Народната банка, граѓаните и фирмите во банките чуваат над 7,5 милијарди евра. Од друга страна, кредитите се во вредност од 6,6 милијарди евра. Само граѓаните должат скоро 1,2 милијарди евра за станбени кредити и скоро 1,8 милијарди евра за потрошувачки кредити.

Професор Трајко Славески, кој е и член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека основните каматни стапки треба да бидат двоцифрени за да се „скрши ‘рбетот на инфлацијата“. Тој аргументира дека со високите стапки на инфлација, а ниски камати, штедачите губат пари, затоа што нивната вредност се намалува за 17 отсто годишно, а добиваат камата пониска од 1 отсто годишно. Тој вели дека ударот врз економијата од високите камати врз економијата е цената што треба да се плати.

„Одржување на висока стапка на инфлација не му користи на бизнисот. Во услови на инфлација планирањето е речиси невозможно“, вели тој.