
Авион на австриската авиокомпанија „Аустриан ерлајнс“ што летал од Тел Авив кон Виена, синоќа принудно слетал во Софија поради упатена закана, пренесува ДПА.
Во авионот „Ербас А320“ имало 51 патник и шест членови на екипажот. По завршувањето на проверката, патниците ќе бидат префрлени на други летови.
Израелски медиуми објавија дека станува збор за сомнеж за закана со бомба, добиена по полетувањето од Израел, кога авионот се наоѓал во близина на бугарско-романската граница.
На 30 септември се случил сериозен инцидент на лет на авиокомпанијата „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, кога копилотот, наводно, го нападнал капетанот со секира, по што авионот почнал нагло да губи висина.
Пилотот, индиски државјанин, бил тешко повреден, но успеал да ја отвори вратата на пилотската кабина, по што патниците и членовите на екипажот го совладале напаѓачот и ја стабилизирале ситуацијата. Авионот принудно слета во Табук, Саудиска Арабија.
Според истражителите во Обединетите Арапски Емирати, копилотот, државјанин на Оман, планирал напад со намера да го урне авионот на аеродромот „Бен Гурион“, во близина на Тел Авив.