Ќе прогласи ли Владата кризна состојба во енергетскиот сектор?

 

Најавите од надлежните е дека денеска на седница македонската Влада ќе прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор. Министерот за економија, Крешник Бектеши е тој кој најави дека ќе го предложи прогласувањето кризна состојба.

„Моментално не се предвидени рестриктивни мерки, но ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност, за да може да се интервенира во увозот на струја“ рече Бектеши неодамна.

Во Буџетот, вели тој, има 100 милиони евра на располагање, кои може да се искористат за намената која е приоритетна.

Владата на 30. октомври донесе Уредба за прогласување кризна состојба при недостиг на електрична енергија, а и бизнис заедницата неодамна побара да се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор.

Инаку, што се однесува до работата на РЕК Битола, оттаму се информира дека во функција од утринава е ставен и Блок 1.

Оттаму истакнуваат дека продолжуваат со активности за во функција да го стават и Блок 2 кој беше во ремонт.