Јанша по средбата со Руте: Словенија ќе ја исполни обврската од два отсто за одбрана

Словенија годинава ќе ја исполни обврската да издвојува најмалку два отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана, при што со предложените измени на буџетот уделот ќе достигне 2,03 отсто – изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во седиштето на Алијансата во Брисел, пренесе словенечката редакција на регионалната телевизија Н1.

Словенија годинава ќе ја исполни обврската да издвојува најмалку два отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана, при што со предложените измени на буџетот уделот ќе достигне 2,03 отсто – изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во седиштето на Алијансата во Брисел, пренесе словенечката редакција на регионалната телевизија Н1.

Јанша, кој е во прва работна посета на Брисел откако во јуни по четврти пат ја презеде премиерската функција, и Руте разговарале главно за зголемувањето на трошоците за одбрана во услови на влошена геополитичка состојба, како и за одлуката на НАТО трошоците за одбрана и поврзаните активности да достигнат пет отсто од БДП до 2035 година.

Словенија долго време беше меѓу сојузниците со најниски издвојувања за одбрана, потсетува Н1. Според податоците на НАТО, земјата годинава издвојува 1,61 отсто од БДП за одбрана, иако претходната влада на Роберт Голоб тврдеше дека ја достигнала целта од два отсто.

Руте изјави дека Словенија е сигурен сојузник повеќе од две децении и го поздрави ангажманот на новата влада за зголемување на трошоците за одбрана.

Според него, Љубљана презела јасна обврска не само за достигнување на два отсто, туку и за воспоставување сигурна патека кон 3,5 отсто до 2035 година.

– Ние сме посветени на силно и сигурно НАТО, на натамошно споделување на товарот и на обезбедување дека Алијансата ги има потребните способности и решителност за да ги заштити сите свои членки, изјави Јанша, пренесува Н1.

Словенија ќе ја зголеми и воената помош за Украина, со дополнителни 50 милиони долари за американска воена опрема за Киев во рамки на иницијативата на НАТО PURL (Приоритетна листа на потребите на Украина).

Со тоа вкупниот словенечки придонес во рамки на иницијативата ќе достигне 100 милиони долари, наведува Н1.

Руте ѝ се заблагодари на Љубљана и за учеството во силите на НАТО во Летонија и Словачка, како и во мисијата КФОР на Косово.

Меѓу нерешените прашања во Словенија остануваат формирањето средна баталјонска борбена група и набавката на оклопни возила со осум тркала, истакна Јанша.

Тој повторно ја критикуваше одлуката на претходната влада во 2022 година да го раскине договорот за набавка на 45 германски оклопни возила „Боксер“, вреден повеќе од 343 милиони евра.

По раскинувањето на договорот, Словенија платила повеќе од четири милиони евра отштета, а последователната постапка за набавка на фински возила „Патрија“ не резултирала со склучување нов договор.

– Порано или подоцна некој ќе мора да одговара за овој скандал, бидејќи тој ја загрози Словенија и финансиски и од безбедносен аспект, изјави Јанша.

Тој нагласи дека земјата мора да го забрза развојот на своите одбранбени способности, а инвестициите треба да бидат насочени и кон војниците и кон современите технологии и опрема.