Шолц: Решително ќе се бориме со пандемијата, ќе ја добиеме борбата и ќе ја надминеме кризата

„Имаме многу работа, немаме време за губење“ е пораката што ја испрати германскиот канцелар Олаф Шолц на денешното прво обраќање во Бундестагот. Тој рече дека граѓаните на последните избори се одлучиле за развој и развојот треба да успее во услови на пандемија.

„Новата влада ја презема должноста во тежок период, кога станува збор за пандемијата. Преголем број инфекции, драматичен трансфер на пациенти од одделенијата за интензивна нега, постојано нови вести за нови соеви. Свесен сум дека е тешко во таа ситуација да не се изгуби вербата во иднината. Денеска од ова место им порачувам на граѓаните дека ќе биде подобро, решително ќе се бориме со пандемијата, ќе ја добиеме таа борба и ќе ја надминеме кризата“ – рече Шолц.

Иако ситуацијата е тешка, канцеларот најави дека постои решение.

„Знаеме дека по 20 месеци од пандемијата вирусот ги сака контактите и затоа е важно тие да се намалат во зима. Треба редовно да се тестираме и да ги намалуваме контактите, но најважно е граѓаните да се вакцинираат“ – рече Шолц.