![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/08/kurti-678x381-1.jpg)
Косовскиот премиер, Албин Курти ги прими денеска во неговиот кабинет шефот на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томас Шиноги и амбасадорите на така наречената Квинта, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција.
Според соопштението од владината служба за информирање, Курти и западните дипломати разговарале за текот на дијалогот меѓу Косово и Србија, при што косовскиот премиер го повторил ставот дека во центарот на преговорите треба да биде меѓусебното признавање на двете држави.
– Во разговорот во врска со дијалогот меѓу Република Косово и Србија повторно беше нагласена заложбата на Владата на Република Косово за принципиелен и балансиран дијалог, за законски обврзувачки договор и за целосно нормализирање на односите, со меѓусебно признавање во неговиот центар, се вели во соопштението.
На средбата се разговарало за политичките случувања и безбедносната ситуација во земјата, како и за продолжувањето на тесната соработка и координацијата на Владата на Косово со мисијата на ЕУ, амбасадите на Квинта и другите меѓународни сојузници.