Шаќири: Рано да се следи настава без маски

Бројката на отсутни ученици и наставници на дневно ниво е околу 0,02 што не значи дека сите тие се отсутни поради Ковид-19“. Ова вечерва го изјави министерот за образование и наука – Јетон Шаќири на ТВ Сител.

Тој истакна дека ќе ги почитуваат одлуките што ги носи Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на образовниот процес. Смета дека се уште е рано да се следи настава без маски.

„Како Министерство имаме секојдневна комуникација со сите основни и средни училишта. Бројките на отсутни наставници и ученици во сите основни и средни училишта се движат околу 0,02 на дневна основа што не значи дека сите тие се болни од Ковид-19“ – рече Шаќири.

Апелираше сите учесници во образованиот процес да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид-19 и надвор од училиштата затоа што, според епидемиолошките анкети, има случаи во кои лицата позитивни на Ковид изјавиле дека имале контакт за време на викендот.

Во однос на реакциите на дел од родителите дека како дел од препораките се отвораат прозорци за време на наставата, Шаќири со став дека проветрувањето на училниците треба да се прави за време на одморите.