Она што го помислив беше оставка, тоа беше првото чувство и не беше минливо, тоа беше нешто што ме мачеше со часови и денови, но кога го надминав шокот, сфатив дека единственото нешто што немам право да го правам е да дезертирам, откри лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас говорејќи за изборниот резултат пред десет дена.
На изборите на 21 мај СИРИЗА загуби од Нова демократија со над 20 отсто разлика, односно доби двојно помалку гласови од првата партија, а во интервјуто за грчката телевизија „Стар“, прво по изборите, Ципрас истакна дека резултатот за нив бил „болен и голем шок“.
-За нас тоа беше шок, шок кој ни создаде големи чувства на тага и разочарување. Не го очекувавме. Затоа, во овој момент она што ни е важно е да го надминеме овој шок, да се прегрупираме и да ги исправиме грешките, посочи Ципрас.
Објасни дека не ги бараат виновниците и причините за поразот кај граѓаните или кај противниците, туку во самата политика на партијата „во начинот на кој ја раширивме нашата порака, начинот на кој ја соопштувавме нашата порака“.
Ципрас откри дека по изборниот резултат помислил на оставка, но подоцна сфатил дека нема право да го стори тоа пред историјата и пред 1.200.000 граѓани кои гласаа за нив, дека нема право да дезертира и да ги остави сами неговите сопартијци „во тежок момент“.
Истакна дека не ги чека реванш, бидејќи резултатот од претходното гласање нема да се најде на следните избори на 25 јуни.