
Финансиски злоупотреби во здравството – Под лупа и компанија со три болници во Скопје
Претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово се спроведуваат во рамки на истрага за сомневања за финансиски криминал поврзан со приватна здравствена установа и вработени во Фондот за здравствено осигурување.
Претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово се спроведуваат во рамки на истрага за сомневања за финансиски криминал поврзан со приватна здравствена установа и вработени во Фондот за здравствено осигурување.
Според неофицијални информации, станува збор за позната компанија од приватниот здравствен сектор, која во Скопје има три болници. Сомневањата, меѓу другото, се однесуваат и на наводни незаконски постапки поврзани со операции на очите.
Во истрагата, според првичните информации, се опфатени одговорни лица од приватната здравствена установа, како и поранешни и актуелни функционери и вработени во Фондот за здравствено осигурување. Се испитуваат сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според неофицијалните информации, штетата врз буџетот се проценува на над 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата на околу четири милиони евра. Наводно, оштетени биле и поголем број пациенти.
Меѓу пријавените, според медиумските информации, е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување.
Од МВР официјално информираат дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вршат претреси на повеќе локации низ државата во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравствениот сектор. Од Министерството најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана по целосното завршување на акцијата.