
Мерната станица Лисиче во Скопје покажува дека воздухот во овој реон е опасно загаден и веќе два дена по ред среднодневната концентрација на ситни честички ПМ10 е над 150 микрограми на кубен метар воздух, што е услов за аларм и воведување мерки во другите градови, но не и во главниот град.
За да се воведат мерки против загадувањето во Скопје, потребно е условот за алармирање да е исполнет на уште една мерна станица во градот, а тоа не е случај. Сите останати станици, Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат и мобилната станица во Ѓорче Петров покажуваат зголемено загадување, но не доволно за аларм.
На овие станици деновиве среднодневното загадување со честички е околу 100 микрограми на кубик воздух, а за заштита на човековото здравје дозволено е среднодневните концентрации да бидат до 50.
Во Лисиче пак е критично – таму веќе пет дена трае непрекината епизода со сериозно загадување.
На 5 јануари дневната вредност на ПМ10 беше 154, на 6 јануари 194, на 7 јануари 150, а вчера 8 јануари беше 185!
Овие опасно високи концентрации на прав за време на празничниот викенд го сместија Скопје во топ-листата на најзагадени градови на светот на сајтот IQair, според индекс на загадување.
Утрово Скопје е на 13. место во светот со индекс на загадување од 171.
Од европските градови на првите 20 места денеска на оваа листа е само индустрискиот град Краков во Полска, а сите останати се градови во Азија.
Според Државниот автоматски мониторинг систем во градовите од западната зона исто така загадувањето е над безбедните граници, но нема доволно за аларм. Кичево за малку би можело да ги исполни условите, но засега не – дневното загадување деновиве е блиску до 150 микрограми, а за вчерашниот ден е 152.
Слично е и во источната зона. Во најзагадената Струмица вчера концентрацијата на ПМ10 беше 164 микрограми на кубик воздух, но во претходните два дена има концентрација од 127 и 120.