Утре започнува учебната година, за првпат со пролетен настан

Учебната 2023/2024 година ќе започне на 1 септември, а ќе трае до 17 јуни, а синдикатите нека најдат друг механизам само да не ги мешаат учениците во дневните политики. Како резултат на дискусиите со репрезентативниот синдикат, наскоро ќе имаме ново зголемување на платите преку општиот колективен договор, но исто така усогласување со минималната плата, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на денешната прес-конференција.

Како министер кажувам дека наставниците од 1 септември ќе имаат повисоки плати за 35 проценти. Ако продолжиме вака, со новиот модел на општиот колективен договор ќе има покачување на платата. Затоа на денешниот состанок со Независниот синдикат за образование и наука ќе го пренесам истиот став, а децата никогаш да не ги мешаме во политика меѓу министерството или синдикатите. Секогаш сме отворени за дискусија, ќе го добијат тоа што можеме да го оствариме со нашите буџетски можности и ќе продолжиме со дискусиите – истакна Шаќири.

Согласно одлуката донесена на владина седница, сите ученици од основните и средните училишта првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај, практика, која министерот вели дека се применува во повеќе европски земји и која според наставниците и стручните служби ќе донесе подобри резултати.

Во однос на учебниците, министерот повтори дека најголем дел од учебниците за основното образование кои се одобрени, како и новите учебници за трето одделение, се веќе испорачани до училиштата. Останатиот дел, претежно новите учебници за шесто одделение ќе бидат доставени веднаш откако ќе бидат одобрени од Комисијата за учебници, а во меѓувреме учениците ќе се послужат со помошни материјали, кои се достапни на веб-страницата Бирото за образование и развој.

– За учениците од средното образование одобрени се 150 учебници во период од една година, најмногу за стручно образование и тие етапно ќе се печатат и доставуваат до учениците, информираше министерот, а како и шестоодделенците, така и средношколците, додека ги чекаат учебниците материјалите ќе можат да ги најдат на веб-страницата на Бирото за образование и развој.