Украина прогласи 30-дневна вонредна состојба

Поради воените тензии на источната граница со Русија, Украина денеска прогласи 30-дневна вонредна состојба – изјави секретарот на Државниот совет за национална безбедност, Олексеј Данилов.

„Овој потег може да значи дека на Украинците ќе им биде наредено да останат дома или ќе бидат ставени под полициски час“ – рече Данилов.

Украина денеска почна да мобилизира резервисти на возраст од 18 до 60 години, со максимален работен период од една година.

Украинското Министерство за надворешни работи денеска ги предупреди Украинците да не патуваат во Русија и ги повика своите граѓани кои се веќе таму да ја напуштат земјата.

„Министерството за надворешни работи им препорачува на граѓаните на Украина да се воздржат од какво било патување во Руската Федерација, а оние кои се во таа земја веднаш да ја напуштат нејзината територија“ –  соопшти Министерството.

Украинскиот  Парламент одобри санкции против 351 Русин, вклучувајќи и пратеници кои гласаа за признавање и испраќање руски војници. Ним им е забранет влез во Украина, пристап до имот, капитал, недвижен имот и лиценци за вршење деловни активности.