Уапсен најбараниот италијански мафијашки бос – Матео Месина Денаро

Италијанските карабинери го уапсија Матео Месина Денаро, најбараниот мафијашки бос во земјата, кој беше во бегство три децении, јавуваат италијанските агенции, пренесува „Гардијан“.

Денаро бил уапсен во клиника во сицилијанската престолнина Палермо. За него се тврди дека е шеф на Коза Ностра.

Тој е осуден во отсуство на доживотна затворска казна за неговата улога во убиството на славните борци против сицилијанската мафија, обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.

Денаро, исто така, се соочува со уште една доживотна казна затвор за вмешаност во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано во кои загинаа 10 луѓе, што се случија една година подоцна.

„Денес, 16 јануари, карабинерите … го уапсија бегалецот Матео Месина Денаро во санитарна установа во Палермо, каде што отишол на терапевтски третман“, изјави Пасквале Анџелосанто, генералот на националната полиција на карабинерите, цитиран од новинската агенција АГИ њуз.

Денаро, познат по прекарот „Дијаболик“ своевремено се сметаше за кандидат за шеф на шефовите на сицилијанската мафија, по смртта на Бернардо Провенцано во 2016 година и Салваторе „Тото“ Рина, во 2017 година.

Денаро беше осуден во 2002 година на доживотен затвор затоа што лично убил или наредил убиство на десетици луѓе.