
Тошковски: Време е Македонија да работи на европските вредности, а не само да зборува за нив
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска говореше на 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската унија во земјава (НКЕУ-МК) при што истакна дека наместо декларативни заложби, во земјава е потребно вистинско и конкретно работење за да се имплементираат европските вредности и стандарди.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска говореше на 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската унија во земјава (НКЕУ-МК) при што истакна дека наместо декларативни заложби, во земјава е потребно вистинско и конкретно работење за да се имплементираат европските вредности и стандарди.
Обраќајќи им се на присутните амбасадори, европски претставници и експерти, Тошковски посочи дека е дојдено време Македонија со конкретни резултати и проекти да покаже дека е посветена на евроинтегративниот пат. Тој истакна дека секоја институција, организација и поединец треба да дадат личен пример во тој процес.
-Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говириме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности – порача Тошковски во своето обраќање на сесијата посветена на темата „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: Од „темелите“ и пошироко“.
Тој додаде дека е потребно сите без разлика во која сфера делуваат да покажат со конкретни резултати и личен пример дека се залагаат за тие европски вредности.
-Да покажеме со конкретни резултати, со конкретни проекти, да покажеме со конкретни дела, со личен пример и да покажеме со пример во рамки на институцијата во којашто сме, да покажеме со личен пример во рамки на невладината организација во којашто сме, да покажеме со личен пример во рамки на обвинителството, да покажеме со личен пример во рамки на судството, да покажеме со личен пример во рамки на општините, да покажеме со личен пример во рамки на секоја една институција – порача Тошковски.
Министерот нагласи дека е добро да се има поддршката од сите релевантни чинители и да се соработува со нив, но напомена дека е потребно принципите на праведност и правичност, кои важат за останатите да важат и за нас.
-Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за останатите, така да важат и за нас – рече Тошковски.
Тој се осврна и на досегашните искуства на земјата во односите со меѓународните и европските партнери, истакнувајќи ја важноста од заемна почит и признавање на вложениот труд. Тошковски истакна дека сите реформи кои се преземаат треба пред сè да бидат во корист на подобрување на животниот стандард на домашните граѓани.
-Добро е кога во еден процес, кога даваш максимум од себеси и притоа чесно и посветено работиш на подобрување на условите во својата држава, тоа да биде признаено – потенцираше министерот.