„Титаник 2“ влезе во нова завршница, ама на Мијалков делото му застарува во април

Повторената судска постапка пред Основниот кривичен суд Скопје за случајот „Титаник 2“ влезе во завршница. На денешното рочиште започнаа завршните зборови, по кои судечкиот совет на чело со судијата Огнен Ставрев ќе објави датум за изрекување на пресуда.

Случајот кој се однесува на договарање за гласање за приговори во ДИК на локалните избори во 2013 година се суди по втор пат, откако Апелацискиот суд Скопје ја укина осудителната пресуда и го врати предметот пред првостепениот суд. Со првата пресуда, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на 3 години затвор, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на 3 години и 2 месеци, а затворски казни добија и другите обвинети, тогашни членови на ДИК.

На денешното рочиште, обвинителот Гаврил Бубевски, направи прецизирање на обвинителниот акт кое, како што беше посочено, е по насоките од Апелација по укинувањето на првата пресуда.

Иако второто судење влезе во завршница, сепак, Мијалков во случај повторно да биде прогласен за виновен може да се спаси од одговорност.

Сите обвинети во предметот се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Мијалков, кој се гони за примање награда за противзаконито влијание – дело за кое во април 2023 година ќе настапи застарување.

За да не дојде до застарување, до април пресудата треба да стане правосилна, а за да се случи тоа потребно е прво во Кривичен таа да се изрече, па да се испрати до Апелација. Потоа второстепениот суд да се одлучува за евентуалните жалби на странките и на крај да се донесе одлука.