
Постојат ли аудио снимки меѓу шверцери на наркотици поврзани со имиња на високи функционери на коалицијата СДСМ-ДУИ, но и познати имиња на сините униформи, прашува албанската телевизија „Ора њуз“ во текстот под наслов „Аудио снимките што го загрижија Трајче Заев: Не ја издавајте книгата!“.
Албанската телевизија прашува дали е уништена акција на ДЕА во Македонија, затоа што Трајче Заев испраќал кодирани пораки.
Во прилогот братучедот на поранешниот премиер Зоран Заев се доведува во врска со наркомафијата.
Телевизија тврди дека постојат прислушувани разговори кои покажуваат дека високи функционери во Македонија директно интервенирале за да ја направат неуспешна операцијата за битка против шверц со наркотици преземена од странски агенции.
Порталот Експрес, кој ја пренесува информацијата на ТВ Ора, претпоставува дека се работи за кодирани пораки со кои Трајче Заев уништил акција на американската агенција ДЕА.
Дваесетина дена откако беше објавено дека заменикот министер за внатрешни работи Назим Буши спиел во апартман вреден 20.000 евра, ТВ Ора пред три дена го објави скандалот за вмешаноста на македонски високи претставници на власта во уште еден скандал.
„Лице кое во моментов јавно не го кажува својот идентитет, бидејќи очекува да добие заштита од правдата, има неколку аудио снимки на кои се слушаат функционери од највисоките нивоа во Северна Македонија“, пишува во објавата на албанската телевизија.
„Во аудио снимките на мрежата за шверц на наркотици се наоѓаат имиња на високи функционери на коалицијата СДСМ-ДУИ, но и познати имиња на сините униформи… Од друга страна, има прислушувања кои покажуваат дека високи функционери директно интервенирале за да се овозможи неуспех на операција преземена од странски агенции“.
Според лицето кое ја поседува аудио-снимката поврзана со шверц на наркотици, јавува Ора Њуз, тоа најпрвин комуницирало со Трајче Заев, известувајќи го за ситуацијата. Од своја страна, Заев, откако ја преслушал аудио снимката, со шифрирана порака му одговорил на тој што го има аудиото: „Мислам дека (ова) би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене, оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“.
За каква „книга“ зборува Трајче Заев? Дали тоа што тој наводно бара „уште една средба“, значи дека порано имало и други средби меѓу него и лицето кое ѝ е познато на телевизијата Ора? Овие прашања ги постави албанската телевизија.
Во април 2021 година во акција на американската служба за борба против дрога ДЕА во близина на Прилеп заплени 200 килограми дрога во вредност од 800 илјади евра, а ден потоа беа поднесени кривични пријави за шестмина, меѓу кои и шофер на Трајче Заев и полициски началник од Прилеп, близок на СДСМ.