Столтенберг: Сојузниците наскоро ќе најдат решение за тенковите во Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги повика сојузниците да ја забрзаат испораката на тешко и напредно оружје за Украина.

Столтенберг зборуваше во Берлин, заедно со новиот германски министер за одбрана Борис Писториус, кој рече дека доколку се постигне договор неговата влада ќе дејствува брзо.

Расте притисокот врз владата на германскиот канцелар Олаф Шолц да испрати тенкови Леопард во Украина, но и да дозволи другите земји да ги испратат оние што веќе ги имаат. Според правилата за воени набавки, Германија мора да го одобри секој повторен извоз.

Социјалдемократската партија на Шолц се воздржува од тоа, поради претпазливост од потези кои би можеле да предизвикаат дополнителна ескалација на Москва.

Германски одбранбен извор изјави за Ројтерс дека Полска поднела барање до германската влада да им дозволи да испорачаат до 14 тенкови „Леопард 2 А4“ на Украина, што го зголемува притисокот врз Берлин.

„Во овој клучен момент од војната, мораме да обезбедиме потешки и понапредни системи за Украина и тоа мора да го направиме што е можно побрзо. Затоа, ја поздравувам нашата денешна дискусија. Разговаравме за прашањето за борбените тенкови. Консултациите меѓу сојузниците ќе продолжат и уверен сум дека наскоро ќе имаме решение“, додаде Столтенберг.