Срѓан Драгојевиќ во Скопје го снима филмот „Осми март“, според расказот на Румена Бужаровска

„Осми март“, новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ, почна да се снима во Скопје. Филмот е инспириран од истоимениот расказ на македонската писателка Румена Бужаровска, која е косценаристка на филмот заедно со Драгојевиќ.

„Осми март“, новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ, почна да се снима во Скопје. Филмот е инспириран од истоимениот расказ на македонската писателка Румена Бужаровска, која е косценаристка на филмот заедно со Драгојевиќ.

„Осми март“ се опишува како црна, горчлива комедија која отвора значајни теми за жената, општеството, културниот империјализам и за светот во кој често е тешко да се пронајде сопственото место.

Дел од филмот се снима во просториите на Правниот, Економскиот, Филолошкиот и Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а филмската екипа е составена од професионалци и актери од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија, Романија, Бугарија, Црна Гора и Германија.

Во филмот играат Ксенија Маринковиќ, Бојана Новаковиќ, Милена Павловиќ, Наташа Марковиќ, Лазар Драгојевиќ, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Марјан Наумов, Мина Јелушиќ, Ана Јовановска, Далиа Стоименова и Талиа Харалампиев.

Во снимањето учествуваат и над 120 статисти на возраст од 18 до 25 години, предводени од кастинг-директорката Киријана А. Николоска и агенцијата „Гужва“.

Македонскиот дел од екипата го сочинуваат: Елена Станишева – продуцентка, Илина Ангеловска – сценографка, Виктор Павловски – директор на филмот, Бранка Чочковска – координаторка на продукција и младите филмски работници Стефан Камчев, Мартин Маневски, Антонија Белазелкоска, Андреа Маркоска, Лора Милошевска, Калин Крајчевски и други.

Филмот е меѓународна копродукција на осум земји: главен продуцент е „Делириум филм“ од Србија, а копродуценти се „Веда филм“ од Македонија, „15-та уметност“ од Хрватска, „Студио Вирц“ од Словенија, „Аксел филм“ од Романија, „Контраст филмс“ од Бугарија, „Таурус продукција“ од Црна Гора и „Ахтунг панда“ и „ЈИП филмс“ од Германија. Проектот е поддржан од Српскиот филмски центар, Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот филмски центар, Агенцијата за филм на Македонија, Романскиот Си-Ен-Си , Бугарскиот филмски центар, Црногорскиот филмски центар, регионални фондови од Германија и од паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“.