Според геолозите Истанбул треба да се подготвува за силен земјотрес

Знаеме колку се движи раседната линија во Северна Анадолија секоја година, движењето на линијата ќе доведе до тензии на линијата што ќе предизвика земјотрес – изјави професор по геологија за Ал Џезира.

Научниците со кои разговараше „Ал Џезира“ велат дека е многу веројатен силен земјотрес во најголемиот турски град, во време кога земјата жали за смртта на десетици илјади луѓе во југоисточниот дел на земјата. Научниците веруваат дека на метрополата и се заканува неизбежен силен земјотрес – можеби повеќекратен.

Сукру Ерсон, професор по геологија на Техничкиот универзитет Јилдиз, вели дека историските податоци од минатите земјотреси укажуваат дека Истанбул е близу до раседот под Мраморното Море.

– Знаеме колку се движи раседната линија во Северна Анадолија секоја година, движењето на линијата ќе доведе до тензии на линијата што ќе предизвика земјотрес – изјави тој за Ал Џезира.

– Земјотрес со јачина од 7 степени или поголем треба да го погоди Истанбул наскоро, судејќи според податоците што ги имаме. Раседот под Мраморното Море има капацитет да произведе два земјотреси со јачина од 7 степени за една година. Тоа го видовме во земјотресите во 1999 година, како и во други што го погодија регионот во минатото – вели Хусеин Алан, претседател на Комората на геолошки инженери.