Со мешаниот модел за полагање на правосудниот испит се деградира албанскиот јазик – велат од ДУИ
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска на прес-конференција упатија критики, за како што велат, одлуката на Владата за воведување мешан модел за полагање на правосудниот испит, со што дел од испитот ќе биде на албански, а дел на македонски јазик.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска на прес-конференција упатија критики, за како што велат, одлуката на Владата за воведување мешан модел за полагање на правосудниот испит, со што дел од испитот ќе биде на албански, а дел на македонски јазик.
Генералниот секретар на партијата, Арбер Адеми, посочи дека Законот за употреба на јазиците предвидува правосудниот, но и сите други државни испити, да може да се полагаат на албански јазик.
„Законот за употреба на јазиците е јасен и не остава простор за вакви толкувања. Не само правосудниот испит, туку и секој друг државен испит треба да се полага на албански јазик, исто како што е гарантирано и за испитот за административни службеници“рече тој на прес-конференцијата.
Од партијата тврдат дека Законот за употреба на јазиците е lex specialis и дека други законски решенија не можат да се применуваат доколку се во спротивност со неговите одредби.
Според ДУИ, мешаниот модел претставува деградирање на албанскиот јазик и негово изедначување со другите јазици што немаат статус на службени.
„Моделот што го промовира Владата, малку на албански, а малку на македонски јазик, е уште еден доказ за пристапот со кој се деградира албанскиот јазик и се третира како и другите неслужбени јазици. Ние не сме против употребата на другите јазици, но инсистираме на почитување на еднаквоста на двата службени јазика, албанскиот и македонскиот. Потоа, нека се унапредуваат и другите јазици, без да се нарушува оваа еднаквост“вели Адеми.
ДУИ реагира и на одлуката моделот да биде испратен на мислење до Венецијанската комисија. Тоа, како што вели Адеми, е обид за одолговлекување и релативизирање на загарантираното право на употреба на албанскиот јазик.
Во соопштението се посочува дека Законот за употреба на јазиците веќе бил разгледуван од Венецијанската комисија, која, додава тој, не утврдила дека службената употреба на албанскиот јазик е противуставна, ниту имала забелешки на одредбите за употреба на јазикот при полагањето на испитите.
„Законот за употреба на јазиците веќе бил предмет на разгледување од страна на Венецијанската комисија, која никогаш не утврдила дека службената употреба на албанскиот јазик е противуставна, ниту, пак, дала забелешки на одредбите што ја гарантираат употребата на албанскиот јазик при полагањето на овие испити. Оваа практика на создавање пречки за правата на Албанците нè враќа кон надминатите југословенски методи, кои се во спротивност со духот на Охридскиот мировен договор и уставниот поредок“кажа генералниот секретар на партијата.
Осврнувајќи се на изјавите на претставници на Влен дека јазикот на правосудството и судовите е македонскиот, ги повика да го прочитаат членот 9 од Законот за употреба на јазиците.
„Тој член јасно ја утврдува употребата на албанскиот јазик покрај македонскиот во оваа област. Доколку немате капацитет да ги унапредувате правата на Албанците, тогаш барем не бидете дел од обидите за нивно деградирање“порача Адеми до Влен.
Дополнително, порача и дека ќе продолжи да се спротивставува на обидите за ограничување на јазичните права на Албанците.
Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на студентите правосудниот испит целосно да го полагаат на албански јазик, рече дека писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој студентите го завршиле високото образование, додека усниот дел треба да биде на македонски јазик, како официјален јазик во правосудниот систем во Македонија.
„Во правосудниот систем имаме принцип на франка лингва, односно употреба на еден заеднички јазик, а во Македонија тој јазик е македонскиот“рече премиерот.
Темата за начинот на полагање на правосудниот испит доби нови димензии во политичкиот дискурс во државата по изјавата на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој во телевизиско гостување рече дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот и дека ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски.
Димитриевски најави дека на следниот состанок со премиерот ќе побара лидерска средба на која отворено би се разговарало и би се дефинирале црвените линии со коалициските партнери во однос на ова прашање и што тоа ќе значи за иднината на државата и за целокупниот правосуден систем.