СОНК и МОН утре на клучни преговори

Во среда завршуваат вторите 10 дена од дадениот рок за помирување помеѓу СОНК и МОН, па двете страни се оптимисти дека утре ќе успеат да ги финализираат преговорите.

Со посредство на медијаторот – МТСП и двете страни очекуваат на утрешниот состанок да се најде решение со кое никој нема да биде оштетен, со надеж дека штрајкот нема повторно да биде активиран.

„И денеска имавме отворен состанок со претставници на СОНК, а утре повторно ќе имаме состанок со помирувачот и мислам дека се доближуваме со мислењата“ – рече министерот за образование – Јетон Шаќири.

Позитивен крај очекуваат и од СОНК.

„Очекуваме позитивен крај на ова долготрајно преговарање и да биде во интерес на сите и преговорите да завршат како што треба и никој да не биде оштетен и сите да бидат задоволни од преговорите“ велат претсавниците на Синдикатот.

Прашањето е колкав ќе е процентот на зголемување на платите на наставниците, професорите, но и воспитувачите, односно негувателите.

Од СОНК бараа 18 проценти, а Владата им понуди 12%.

Се уште не е прецизирано и дали учениците ќе има потреба да одат на училиште и по 10 јуни поради тринеделниот штрајк.