Денеска очекувам кулминација на политичката драма во земјава.
Дали Владата на Зоран Заев ќе падне е прашање за милион долари.
Тврдам дека на него во моментов сигурен одговор не може да дадат ниту Зоран Заев, ниту Христијан Мицкоски.
Првиот тест ќе го има најавеното мнозинство на старт на седницата, кога според најавите ќе треба сами да обезбедат кворум, а ако успеат, во следните 12 часа ќе треба и да го додржат тоа мнозинство.
А 12 часа се премногу време во земја како Македонија и за едните и за другите.
Очекувам работите да се’ менуваат од час во час, а „цената” за политичката не/поддршка да расте.
Па и дел од пратениците сами си велат дека „берзата е отворена”.
Дополнително сведоци сме што се’ се случуваше кога се отвораше Уставот за промена на името, така што до утре на полноќ (ако стигнеме до таму) буквално се’ е можно во двете насоки. Дополнително не исклучувам некое „процедурално изненадување” од собранискиот спикер Талат Џафери.
Мојот став е дека што и да се случи, епилогот ќе бидат избори. Лично не верувам дека ќе бидат уште во декември, според мене најреално сценарио е напролет.
А дотогаш сите карти се на маса, сепак ова е Македонија.
Став на Душица Мрѓа – уредник и водител во ТВ24